Компанијата Кодинг - Горска со признание за македонски квалитет 2016 година

Компанијата Кодинг-Горска успешно ги задоволува потребите за квалитет на македонскиот, но и на интернационалните пазари, истовремено исполнувајќи ја својата општествена и еколошка одговорност. Токму поради оваа посветеност и бескомпромисност во однос на испорачување квалитет, оваа година доби и признание од Сојузот на стопански комори на Македонија за македонски квалитет за 2016 година.

Под покровителство на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Сојузот на стопански комори на Македонија, на Кодинг Горска ѝ врачи Признание за Македонски квалитет 2016. Признанијата ги додели претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и претседателот на Сојуз на стопански комори, г-ѓа Даниела Арсовска.

Комисијата составена од членови на Кабинетот на Претседателот согласно прецизно воспоставени критериуми, внимателно ги селектираше македонските инвеститори кои имаат традиција во создавање на македонски бизнис идентитет и се амбасадори кои успешно го промовираат македонскиот квалитет на национално и глобално ниво за што добиваат признание.

Оваа манифестација претставува традиционален настан кој се одржува секоја година во знакот на оддавање признание и промовирање на деловните успеси на македонските компании при што беа доделени 10 признанија за Македонски квалитет за 2016 година, меѓу кои беа наградени и заложбите на Кодинг Горска.